Book Creator

Фурнаџијата Филип

by Hristina Bozinovska/Violeta Spasova

Cover

Loading...
Loading...
Драги дечиња,ајде сега да внимаваме и сите зборови кои почнуваат на буквата Ф да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.
Приказнава е стокмена за еден фурнаџија од село Фурка. Го викале Филип, си имал фурна, печел леб и од тоа живеел. Но бил млад и сам па се мислел дали да остане фурнаџија во Фурка или да го фати патот под нозе и да си побара нова среќа.
Еден ден жителите од Фурка останале без леб. Фурнаџијата го немало и никој не можел да поверува дека си заминал. Заминал, заминал... Жителите на Фурка не можеле повеќе да се фалат по околните села дека јадат најубав леб. Почнале да се предат разни приказни за Филип, фурнаџијата од Фурка.
- Не верувам дека фрлил камен, ќе се врати- рекла некоја баба.
- Мене ова ми личи на некоја игра- подрекла Фотија, жената на ковачот.
А, вистината била друга. Фурнаџијата стигнал дууури до Франција. Се населил во некое француско село, во Форже и почнал да пече француски леб. Брзо научил што леб и каков леб јадат французите, та за кусо време станал познат и славен фурнаџија. Еднаш дури и францускиот крал кога минувал низ Форже, демек застанал и го пробал лебот на Филип фурнаџијата. Сите весници и улични викачи пишувале и кажувале за овој настан.
Се случило така, се разболела ќерката на кралот француски. Ја фатила некоја чудна болест, ни болна- ни здрава. Море дошле сите познати лекари од тоа време, ама ништо. Кралот и кралицата многу ја сакале и, кутрите, не знаеле кој пат да го фатат.
За болеста разбрал и Филип фурнаџијата од Фурка. Почнал да размислува како да и помогне. Размислувајки се присетил на детството. Демек кога бил дете и тој долго време бил ни здрав- ни болен. Сите велеле ништо не му е на детето, а тој не можел од кревет да стане. И дошла некоја баба, Фанија ја викале, го видела и побарала три лажици. Ај што побарала три лажици, туку почнала да ги фрла над глава. Ги фрлала, ги фрлала и кога застанале трите лажици на лице...
- За Филипчо наш не берете гајле, ќе оздрави и ќе стане познат и славен не само во Фурка, туку многу подалеку.
И, Филипчо оздравел, како ништо да не било.
Ете ти го Филип наш во кралскиот дворец. Со кралот под рака влегле кај принцезата. Побарал три лажици. Му донесле три златни лажици. Застанал Филип до креветот на принцезата и почнал да ги фрла преку глава. Фрлил еднаш- ништо. Двапати- ништо. Фрлил трипати- ништо. На седмото фрлање лажиците се наместиле на лице и принцезата станала од креветот. Не само што станала, побарала и јадење. Како да се разбудила од некој лош сон.
Го зел кралот Филип фурнаџијата под рака и го однел во една одаја полна златници. Застанал Филип сред одаја...
- Почитуван кралу на Франција, мене злато не ми треба, си имам златен занает. Ми треба убава кочија и десет силни коњи. Сакам да се вратам во селото каде што сум се родил, во Фурка.
И така било. Се качил во кочијата и си дошол во Фурка. Направил нова фурна во која печел само француски леб. Со години жителите на Фурка јаделе француски леб без пари. Филип фурнаџијата од Фурка не го заборавиле. До ден денешен живее во многуте приказни што се раскажуваат во ова убаво село.
Како да не ми верувате?!... Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Ф ги отклучуваме: фурна, фурнаџија, Фурка, Филип, Фанија, Фоте, Фотија, Франција, француски, фрла, фаќа, филџан...
PrevNext